Тој беше татко на македонската современа литература за деца и млади и основоположник на македонската книжевност за деца, веднаш по завршувањето на Втората светска војна.

Со стихозбирката ,,Македонче” објавена во 1946 година, тој ги постави темелите на современата македонска литература за најмладите, а пак ,,Волшебното самарче” е првиот македонски роман за деца. Главен лик е малиот Трајче, сиромашно дете од селото Мацково, во Дебарца, во подножјето на планината Караорман. За да се прехрани себеси и својата мајка, со своето коњче Дорчо, секојдневно оди во шумата и бере дрва, кои ги носи на пазар во Охрид и Струга. Со добиените пари одвај успеваат некако да врзат крај со крај. При едно такво берење дрва во планината Трајче се запознава со партизаните Горјан и Огнен и станува нивни курир на тој начин што тие во самарчето на неговото коњче ставаат важни писма и пораки… Во 1975 година беше снимена и серијата ,,Волшебното самарче” во продукција на ТВ Скопје.
На денешен ден во 1912 година во селото Црвена Вода, Дебрца, е роден Ванчо Николески, еден од најплодните македонски писатели. Првин работел како учител во многу македонски села, а по завршувањето на војната работел како новинар и уредник на весникот „Титов пионер“ и во детските емисии на Радио Скопје и Радио Битола.
Зад него остана ризница од стихозбирки, збирки со раскази, како и романи. Последната книга со раскази ,,Жива книга” ја издаде во 1978 година, две години пред смртта.
Во неговото родно село во 2018 година беше поставено спомен-обележје во негова чест. Иницијатори за гестот беа претставници на општината Дебарца-Белчишта, новинарот и публицистот Веле Митаноски, чија родна куќа се наоѓа до домот на Николески, и писателот Петко Шипинкаровски. Во тек на животот има освоено многу награди, а Друштвото на писателите на Македонија ја доделува наградата „Ванчо Николески“ за книга за деца и млади.
Деск

