Во серијата ,,Волшебното самарче” три генерации актери од едно семејство играа главни и значајни улоги. Вистинскиот Трајче пак, во тој период бил болен и починал за време на снимањето. За жал, не дочекал да ја види серијата на малите екрани.
-Дедо ми Петре го играше дедото Евто, а мајка ми Анче ја играше мојата мајка. Серијата беше еден сон кој ми се случи многу предвреме, отколку што е нормално во животот, еден шок за дете од 12 години. Тоа беше многу скап проект зад кој застана државата, и беа ангажирани од 120 до 150 актери, односно сите професионални актери од Македонија. Беа ангажирани и од 2.000 до 3.000 војници на тогашната ЈНА. Половина од нив беа Германци, половина партизани, и тоа беше борбата, сите сакаа да бидат партизани. Тоа беше една од најголемите серии снимена на овие простори, раскажуваше во интервју за ТРТ Балкан актерот, музичар и шоумен Игор Џамбазов.
Во неговата биографија засекогаш останува печатот кој го остави улогата на Трајче Дрварчето, во серијата која започна да се снима во 1975 година, во режија на Ацо Алексов, а според книгата на Ванчо Николески.
На денешен ден пред 114 години е роден авторот на овој безвременски и значаен македонски роман, Ванчо Николески (1912 – 1980). Серијата според неговата книга беше прва серија за деца снимена во боја. Тој присуствувал на првиот ден на снимањето, и се запознал со Игор. Се случило тоа баш на сцената каде Трајче дрварчето плаче бидејќи дознава дека татко му загинал во бомбардирањето во Белград.
Како што раскажа Џамбазов, снимањето започнало кога бил во шесто одделение, и цели две години додека траело, бидејќи не одел на училиште, со него работела наставничка во пензија, за да го надокнади загубеното образование.
-Ете, до толку државата се грижеше! До најситниот детал, кажа Џамбазов за ТРТ Балкан. Потсети дека серијата се емитувала во 17.45 во вторник, а учениците по настава со трчање оделе дома, за да ја фатат новата епизода, односно ,,Волшебното самарче” бил првиот проект кој буквално ги празнел улиците.
Деск

