Триесет и едногодишен жител на Струга се повредил при риболов со харпун во водите на Охридското Езеро, информираше Министерството за внатрешни работи.
Според информациите, на 18 јуни во 22:25 часот во Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ било пријавено дека И.М. (31) од Струга, додека ловел риба со харпун во близина на автокамп на охридското крајбрежје, сам се повредил.
По пријавата, полициски службеници излегле на терен и го пронашле повредениот. Тој бил пренесен со возило на Итната медицинска помош во Општата болница во Струга, каде што бил задржан за понатамошен третман.
По наредба на јавен обвинител, харпунот и целокупната риболовна опрема биле одземени за понатамошна постапка. Од МВР соопштија дека по целосното документирање на настанот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

