Најавениот протест што требаше да се одржи в недела и да резултира со блокада на три гранични премини меѓу Бугарија и Македонија засега е откажан, потврди Виктор Стојанов, претседател на бугарската Фондација „Македонија“.
Според Стојанов, одлуката е донесена по консултации и разговори со претставници на бугарското Министерство за надворешни работи и со бугарскиот амбасадор во Скопје, објави Бугарската национална телевизија (БНТ).
Фондацијата „Македонија“ пред два дена најави блокада на граничните премини Ѓуешево–Деве Баир, Станке Лисичково–Делчево и Златарево–Ново Село, наведувајќи дека акцијата е координирана со бугарското Министерство за внатрешни работи.
Во објава на социјалните мрежи, од Фондацијата посочија дека целта на блокадата е да се испрати порака до македонските власти во врска со, како што наведуваат, односот кон Бугарите во земјата, односно да му се покажело на премиерот Христијан Мицкоски дека не можел да продолжи со прогонот на Бугарите од земјата.
Организацијата изнесе обвинувања за прогон, напади и судски пресуди против лица со бугарска самосвест.
Засега не е соопштено дали протестот ќе биде организиран во друг термин, ниту дали ќе следуваат дополнителни активности од страна на организаторите.
Next Article СКОПЈЕ ДОБИВА НОВ МОДЕЛ НА ИТНА МЕДИЦИНСКА СЛУЖБА

