Скопје беше домаќин на завршниот концерт од регионалниот музички проект што ги обедини музичарите од Софија, Солун и Скопје, спектакуларна изведба на монументалното дело „Кармина Бурана“ во Градскиот парк. Според диригентот на Софиската филхармонија, Најден Тодоров, настапот претставувал редок пример на уметничко единство и соработка меѓу институции од Југоисточна Европа.
Во својата објава по концертот, маестро Тодоров истакна дека фотографиите можат да пренесат само мал дел од емоциите што владееле за време на настанот, на кој во целосна синхронизација настапиле Софиската филхармонија, Филхармонијата на Северна Македонија, Симфонискиот оркестар од Солун, Хорот на Националната опера и балет од Скопје, Детскиот хор од Солун, како и солистите Иво Јорданов, Ана Дурловски и Николас Спанос.
„Создадоа атмосфера што ретко може да се доживее во живо“, напиша Тодоров, нагласувајќи го значењето на заедничкиот настап на уметници од различни земји и култури.
Проектот започнал во Софија, продолжил во Солун, а своето финале го имал во Скопје. Сепак, според Тодоров, ова е само почеток на една поширока иницијатива за регионално музичко поврзување.
Тој изрази надеж дека во следното издание ќе се вклучат уште повеќе оркестри и држави од Југоисточна Европа, со цел дополнително да се зајакне културната соработка во регионот.
„Музиката нѐ потсетува на нешто многу важно – дека можеме да звучиме заедно“, порача диригентот на Софиската филхармонија.
НИЕ МОЖЕМЕ ДА ЗВУЧИМЕ ЗАЕДНО, ПОРАЧА НАЈДЕН ТОДОРОВ ПО СПЕКТАКУЛАРНИОТ КОНЦЕРТ ВО ГРАДСКИ ПАРК
2 Mins Read

