Премиерот Христијан Мицкоски, денеска изјави дека очекува стабилизација на цената на нафтата на светските берзи и можно намалување на цените на горивата во земјата, и покрај тековните геополитички и логистички фактори што влијаат врз пазарот.
Одговарајќи на новинарско прашање за движењата на нафтениот пазар и поминувањето на околу 55 трговски танкери низ Ормутски теснец, Мицкоски оцени дека оваа бројка не претставува значителен ризик за снабдувањето, посочувајќи дека во минатото дневниот проток бил значително поголем.
Тој објасни дека танкерите кои го напуштаат регионот на Блискиот Исток имаат транспортен период од околу 25 до 35 дена до крајните дестинации, поради што ефектите врз глобалниот пазар не се веднаш видливи.
Во однос на цените, премиерот изрази очекување дека барел нафта ќе се движи околу 80 долари, со минимални отстапувања.
„Очекувам во периодот цената на барелот да се движи околу 80 долари, плус-минус еден долар. Нашите пресметки се јасни, но треба да се види и анализата на Регулаторната комисија“, изјави Мицкоски.
Според неговите очекувања, доколку ваквите трендови се задржат, можно е намалување на малопродажните цени на горивата во земјата, и тоа за околу 2,5 до 3 денари по литар за бензин, како и околу 7 денари по литар за дизел.
Сепак, тој нагласи дека конечната одлука за цените ќе зависи од пресметките на Регулаторната комисија за енергетика.

