Светската музичка икона Мадона откри дека сериозно размислувала дел од снимањето на биографскиот филм за нејзиниот живот да се реализира во Србија, но планот никогаш не бил спроведен поради несогласувања со филмското студио.
Во интервју за Interview Magazine, Мадона зборуваше за предизвиците со кои се соочил долгонајавуваниот филмски проект и објасни дека предложила снимањето да се пресели во Србија со цел значително да се намалат трошоците за продукција.
„Им реков: ‘Можеме да снимаме во Србија’. Но тие не веруваа дека ќе останам таму доволно долго“, открила пејачката, осврнувајќи се на разговорите со студиото кое требало да го реализира проектот.
Според неа, различните ставови околу буџетот и организацијата на снимањето довеле до застој во развојот на филмот. Иако идејата за биографски филм со години привлекуваше големо внимание, проектот на крајот бил ставен во мирување.
Во еден период беше најавено дека актерката Џулија Гарнер ќе ја толкува Мадона на големото платно, а подготовките за филмот веќе беа во напредна фаза. Сепак, креативните и продукциските несогласувања го спречија неговото реализирање.
Изјавата на Мадона предизвика интерес и во регионот, особено поради фактот што една од најголемите светски музички ѕвезди ја разгледувала Србија како можна локација за снимање на еден од најочекуваните музички биографски проекти.
Иако филмот не се реализираше според првичниот план, нејзините коментари повторно го насочија вниманието кон Балканот како атрактивна дестинација за меѓународни филмски продукции, благодарение на пониските трошоци и сè поразвиената филмска инфраструктура.
Б.Н.

