Македон Димитриовски стана светска сензација, откако на само 11-годишна возраст постигна 1440 поени на SAT тестот, резултат кој традиционално го полагаат ученици од завршните години на средно образование и кој се користи како приемен критериум на бројни престижни универзитети во светот.
Според информациите споделени од семејството, постигнатиот резултат го става младиот ученик во највисоките процентилни рангирања меѓу тестираните кандидати, далеку над просекот на типичната возрасна група од 17–18 години. Тие додаваат дека ваквиот резултат е показател за неговиот исклучителен потенцијал и интелектуални способности.
Семејството истакнува дека успехот е резултат на долготрајна посветеност, дисциплина и љубов кон знаењето, како и континуирана поддршка во процесот на подготовка. Посебна благодарност упатуваат до менторот Горан Милошовски, кој, според нив, имал клучна улога во насочувањето и подготовката, како и до тимот на интернационалното училиште НОВА Скопје.
„Ова е резултат на работа, посветеност и вера во процесот на учење,“ наведуваат од семејството, нагласувајќи дека постигнувањето не е крајна цел, туку почеток на понатамошен академски развој.
Со овој успех, како што додаваат, се отвораат можности за идно образование на врвни светски универзитети, а воедно се поставуваат темели за понатамошни достигнувања.

