Владата и претставниците на најголемите синџири маркети постигнале согласност за заеднички активности насочени кон задржување на ценовната стабилност и ограничување на инфлацијата под три проценти, соопшти премиерот Христијан Мицкоски по одржаната средба со претставниците на трговскиот сектор.
Според него, на состанокот било разговарано за актуелните економски состојби, движењето на цените на основните прехранбени производи и можностите за заштита на животниот стандард на граѓаните. Притоа, било истакнато дека одржувањето на ниска и стабилна инфлација претставува заеднички интерес и за државата и за приватниот сектор.
Од Владата посочуваат дека целта е да се избегнат нагли ценовни шокови и дополнителни оптоварувања за семејните буџети, особено во услови на глобални економски предизвици и нестабилности на меѓународните пазари.
Претставниците на маркетите, како што беше наведено по средбата, ја изразиле својата подготвеност за соработка во насока на одржување на разумно ниво на цените на основните производи и обезбедување предвидливост за потрошувачите.
Премиерот нагласил дека Владата ќе продолжи внимателно да ги следи движењата на пазарот и, доколку е потребно, ќе презема мерки за заштита на граѓаните и за зачувување на економската стабилност.
-Се разбира за ова да се реализира потребно е да направиме еден ваков ист состанок со производителите, дистрибутерите и добавувачите. Тоа ќе се случи во наредниот период и потоа сите заедно ќе седнеме на маса и сите заедно ќе бидеме општествено одговорни, затоа што граѓаните мора да добијат најдобра услуга и најквалитетни производи по оптимално најниски цени. Тоа е она кое што е заедничка цел. И тоа е она кое што вчера го разговаравме на состанокот и тоа е она за кое што се сложивме. Така што ние како влада остануваме да бидеме посветени во насока на изнаоѓање на системски решенија со кои што инфлацијата, генерално на основните прехранбени производи ќе се движи на ниво од под 3 проценти, истакна Мицкоски.
Економските аналитичари посочуваат дека контролирањето на инфлацијата е еден од клучните фактори за одржување на куповната моќ на населението. Сепак, тие нагласуваат дека ценовните движења зависат и од повеќе надворешни фактори, меѓу кои се цените на енергенсите, увозните трошоци и состојбите на меѓународните пазари.
Со најавената соработка меѓу Владата и трговските синџири, очекувањата се дека во наредниот период ќе се задржи стабилноста на цените на основните производи, додека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата и ефектите од преземените активности.

