Кавадарци и годинава ќе биде центар на винската традиција, музиката и забавата, откако Советот на Општина Кавадарци на својата 11-та седница ја усвои програмата за стопанско-туристичката и културна манифестација „Тиквешки гроздобер 2026“.
Најпознатиот вински фестивал во земјата ќе се одржи од 4 до 6 септември, а организаторите најавуваат тридневна програма исполнета со концерти, традиционални настани и богата туристичка понуда. Организацијата и реализацијата на културните содржини годинава е доверена на компанијата „Иноватива груп“ ДОО Скопје.
Главните случувања ќе се одвиваат на Градскиот плоштад во Кавадарци, каде посетителите ќе имаат можност да уживаат во настапите на познати домашни и регионални музички имиња.
Фестивалската програма започнува во петок, 4 септември, со настап на македонската група Зи Бомб, по што на сцената ќе се појави регионалната трап сензација Де Вито. Забавата ќе продолжи до доцните часови со сет на DJ Галовски.
Во сабота, 5 септември, публиката ќе ја забавуваат популарните македонски состави Дупер и Нокаут, додека главна ѕвезда на вечерта ќе биде легендарниот Жељко Самарџиќ. Во текот на денот ќе се одржи и традиционалниот карневал, еден од најпрепознатливите симболи на манифестацијата.
Завршната вечер, во недела на 6 септември, ќе биде резервирана за младата музичка ѕвезда Џејла Рамовиќ и пејачот Пеџа Јовановиќ. Годинашното издание на фестивалот ќе заврши со спектакуларен огномет во 01 часот по полноќ.
Покрај музичката програма, посетителите ќе можат да уживаат и во бројни дополнителни содржини. На Градскиот плоштад ќе бидат поставени брендирани штандови и шатори за промоција и дегустација на тиквешки вина, ракија, маџун и традиционални специјалитети. Во Полициското паркче ќе биде презентирано народното творештво, додека во Паркот на револуцијата во текот на сите три фестивалски денови ќе се емитува староградска музика со подготовка на скара.
Програмата вклучува и кошаркарски турнир „Сестри Китеви“, мото-рели низ градските улици, изложба на олдтајмери на улицата „Илинденска“, како и традиционална таблијада.
Со богата музичка, културна и гастрономска понуда, „Тиквешки гроздобер 2026“ има за цел повторно да привлече илјадници посетители од земјата и регионот и уште еднаш да го потврди статусот на Кавадарци како престолнина на македонското вино.
В.К.
ВИНСКАТА ПРЕСТОЛНИНА ГО ПОДГОТВУВА НАЈГОЛЕМИОТ НАСТАН ВО ГОДИНАТА: „ТИКВЕШКИ ГРОЗДОБЕР 2026“ СО БОГАТА ПРОГРАМА
2 Mins Read

