Музичката легенда Лајонел Ричи беше принуден предвреме да го прекине првиот концерт од својата нова северноамериканска турнеја, откако му се слоши среде настап пред илјадници фанови во Сент Пол, Минесота.
За време на изведбата на неговиот голем хит „Dancing on the Ceiling“, 77-годишниот пејач почувствувал вртоглавица и седнал на сцената, обраќајќи ѝ се на публиката со доза хумор.
„Кога ви се врти, најдобро е да седнете“, им рекол Ричи на присутните, пред накратко да продолжи со настапот свирејќи на пијано.
По кратка пауза, членовите на неговиот бенд ја известиле публиката дека концертот нема да продолжи бидејќи пејачот не се чувствува добро. Според американските медиуми, Ричи бил пренесен во болница од претпазливост, а неговата здравствена состојба засега не е официјално соопштена.
Турнејата, која ја реализира заедно со легендарниот бенд Earth, Wind & Fire, требаше да продолжи со концерти во Чикаго и Колумбус, но двата настапи се одложени по препорака на лекарите за пејачот целосно да закрепне. Организаторите соопштија дека турнејата треба да продолжи на 30 јуни, доколку неговата здравствена состојба го дозволи тоа.
Според неофицијални информации од членови на придружниот бенд, можно е причината за здравствените тегоби да била дехидрација, иако официјална потврда сè уште нема.
Б.Н.

