Нејзиниот татко не дочека да ја види како игра на својот прв Гренд слем на Вимблдон, но токму неговата верба во неа и била водилка и денес таа го слави најголемиот успех во кариерата, но и во македонскиот тенис. Одбојкарската легенда Владимир Ѓорчески – Ципа почина пред околу еден месец, на крајот на мај, на 66-годишна возраст, а неговата ќерка Лина (31) доживеа историски успех со пласманот на Вимблдон и ја направи горда целата земја.
-Победата му ја посветувам на мојот татко, беше нејзината прва изјава со солзи во очите за Макфакс, веднаш по победата. Емоциите по триумфот беа силни, особено затоа што успехот доаѓа само еден месец по смртта на нејзиниот татко, чија поддршка имала клучна улога во нејзиниот развој.
Лина го одиграла својот прв професионален натпревар на 16 години, и постаро интервју раскажуваше дека тенисот е спорт кој бара многу жртви. Тренинзите, патувањата, припремите за турнири се дел од нејзиниот живот со години наназад, а нејзиниот татко секогаш стоел зад неа, како најсилна поддршка. И денес, кога таа стои на најголемата сцена во тенисот, изгледа како дел од таа приказна да продолжува и без него физички присутен.
Со овој успех, Ѓорческа го оствари најголемиот триумф во својата кариера, кој истовремено е и спомен, благодарност, и љубов што продолжува да живее таму каде што зборовите застануваат.
В.К.
Previous ArticleКАНАДА СЕ РАЗГЛЕДУВА КАКО НОВ УЧЕСНИК НА ЕВРОВИЗИЈА

