Три сестри од Бразил, чија вкупна возраст изнесува 316 години, станаа предмет на научно истражување кое има цел да открие кои генетски фактори придонесуваат за долг и здрав живот.
Левита де Деус Нунес (109), Зораиде де Деус Мота (104) и Зулина де Деус Нунес (103) неодамна беа признати од Гинисовата книга на рекорди како најстарото живо трио сестри во светот. Нивниот исклучителен животен век го привлече вниманието на научниците, кои анализираат примероци од нивната ДНК во рамки на проектот „DNA Longevo“, предводен од генетичарката Мајана Зац од Универзитетот во Сао Паоло.
Истражувачите се надеваат дека ќе идентификуваат генетски варијации кои ги штитат луѓето од болести поврзани со стареењето, како што се деменцијата, кардиоваскуларните заболувања и физичката кревкост. Добиените сознанија би можеле да придонесат за развој на нови пристапи во превенцијата и третманот на болестите што се јавуваат во подоцнежните години од животот.
Покрај генетиката, научниците ги анализираат и животните навики на сестрите. Тие својата долговечност ја поврзуваат со едноставна и свежа исхрана, активно детство и силните семејни врски кои ги одржувале низ целиот живот.
-Немавме ниту фрижидер во детството, се што јадевме беше свежо. Водевме обични животи, трите живееме во близина и секогаш сме си поддршка, изјавиле тие за Ројтерс.
Сепак, експертите предупредуваат дека засега не постои доказ за постоење на единствен „ген за долговечност“. Наместо тоа, се смета дека долгото и здраво стареење е резултат на комбинација од повеќе генетски фактори и влијанието на животната средина и начинот на живот.
Во рамки на истражувањето, научниците планираат да анализираат ДНК од околу 500 лица постари од 100 години, со цел подобро да ги разберат биолошките механизми кои овозможуваат исклучително долг живот.
ТРИ СЕСТРИ ПОСТАРИ ОД 100 ГОДИНИ ГО ПРИВЛЕКОА ВНИМАНИЕТО НА НАУЧНИЦИТЕ: ВОДЕВМЕ ОБИЧНИ ЖИВОТИ!
2 Mins Read

