Институтот за јавно здравје објави сет јавноздравствени препораки со цел заштита на населението од високите температури и ризиците што ги носи топлото време, особено за време на летните топлотни бранови.
Од Институтот укажуваат дека најризичен период за престој на отворено е меѓу 11:00 и 17:00 часот, кога се препорачува целосно избегнување на директна изложеност на сонце и физички активности на отворено. Граѓаните се советуваат да останат во затворени, разладени или климатизирани простории, а доколку мора да излегуваат, да прават чести паузи во сенка.
Посебен акцент се става на соодветното облекување – носење светла, лесна и памучна облека, како и употреба на заштитни очила и капи со широк обод за дополнителна заштита од сонце.
Во препораките се нагласува и значењето на соодветна хидратација. Се советува редовен внес на течности во текот на целиот ден, без да се чека појава на жед, при што најдобар избор е водата. Се препорачува избегнување на алкохол, пијалаци со кофеин и екстремно ладни напитоци. Исто така, се советува умерена исхрана со избегнување на масна, висококалорична и многу слатка храна.
Институтот препорачува и практични мерки за разладување во домашни услови, како затворање на прозорци и ролетни во текот на денот и проветрување во вечерните часови, како и користење млака вода за туширање или ладни облоги.
Посебно внимание треба да посветат лицата со хронични заболувања, особено кардиоваскуларни, респираторни и невролошки состојби, кои се повикуваат редовно да ја земаат својата терапија и да се консултираат со матичен лекар при какви било промени во здравствената состојба.
Од Институтот дополнително предупредуваат дека никогаш не треба да се оставаат деца, постари лица или миленици во затворени возила, бидејќи температурата во автомобилите може брзо да достигне опасни нивоа.
Со овие препораки, здравствените власти апелираат на зголемена внимателност и одговорно однесување во периодите на екстремни горештини, со цел намалување на ризикот од топлотен удар и други здравствени компликации.
Previous ArticleНЕПОКОЛЕБЛИВА ВЕРНОСТ – ПРИКАЗНАТА ЗА ХАЧИКО

