Неговиот глас кој никого не оставаше рамнодушен беше прекинат во време кога имаше уште многу да и даде на публиката. На само 39 години тој почина по долго и тешко боледување, но и остави на Македонија антологиски песни за кои и денес се вели дека се музички бисери.
Кирил Манчевски (1936 – 1975) го започнал работникот век како металски работник, за да набргу сфати дека бил благословен со неверојатен музички талент. На музиката професионално и се посветил, и во шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век тој ги остварил најубавите изведби на познатите македонски песни. Најчесто настапуваше како солист, но останаа во етер и неговите дуети со Виолета Томовска.
„Девојче тенко, високо“, „Изникнало криво крушче медено“, „Кога си тргнав в туѓина“, „Лино моме Севдалино“, „Ајде сонце зајде“, „Абер дојде Донке“, „Бог да убие дебрани“, „Запеј песна Македонко“, и многу други песни во негова изведба останаа да сведочат за неговиот специфичен глас, полн со емоции. И приватно, беше опишуван како емотивен и едноставен човек, кој сакал да живее скромно, а музиката била неговиот најдобар начин да си ја отвори душата.
Во 2022 година, 47 години по неговата смрт, како доајен на македонската народна песна, тој постхумно беше одликуван со Медал за заслуги заради придонесот што го остварил во афирмација на македонскиот фолклор.

