Министерот за транспорт Александар Николоски најави започнување на, како што ја опиша, најобемната реформа во железничкиот сектор во земјата, со која се предвидува значајна модернизација на инфраструктурата, набавка на нова опрема и институционални промени во железничките претпријатија.
-Tокму овој проект којшто го започнуваме денеска со потпишување на овој грант од страна на Светска банка, за што сакам да се заблагодарам, е почеток на реализација на овој проект кој што ќе значи една темелна и суштинска реформа. Паралелно ќе одиме и со набавка на возови, да се обнови флотата, нешто што е особено значајно. Паралелно со една друга финансиска институција веќе потпишавме договор за набавка на електрични локомотиви, коишто многу значат во делот на развој на карго сообраќајот. Треба да се купат најмалку пет електрични локомотиви, истакна Николоски.
Според Министерството за транспорт, реформата опфаќа изградба и реконструкција на железнички пруги, набавка на нови локомотиви и патнички возови, како и подобрување на функционалноста и организацијата на државните железнички компании.
Во рамки на процесот, потпишан е грант-договор со Светска банка, кој треба да обезбеди финансиска и техничка поддршка за спроведување на реформските активности. Целта, според надлежните, е создавање поефикасен, посигурен и современ железнички систем.
Од министерството истакнуваат дека реформата е насочена кон подобрување на железничката поврзаност во земјата и регионот, како и кон зголемување на конкурентноста на железничкиот транспорт во однос на патниот.
Проектите се дел од поширокиот план за развој на транспортната инфраструктура, кој вклучува модернизација на клучни коридори и подобрување на условите за патнички и товарен сообраќај.
Иако деталниот временски рок за реализација на сите активности сè уште не е целосно прецизиран, од Министерството посочуваат дека реформата претставува долгорочен процес кој ќе се спроведува етапно.
Со оваа иницијатива, Владата најавува обид за значајна трансформација на железничкиот систем, кој со години се соочува со застарена инфраструктура и ограничена оперативна ефикасност.
Previous ArticleПОЧИНА РЕЖИСЕРОТ И ДРАМАТУРГ САШО МИЛЕНКОВСКИ

