Возачите во европските земји сè почесто забележуваат бели кружни или елипсовидни ознаки покрај средишната линија на патот, особено во остри и непрегледни свиоци. Иако на прв поглед изгледаат необично, нивната намена е едноставна – да ја зголемат безбедноста во сообраќајот.
Овие ознаки најчесто се поставуваат на делници каде што постои зголемен ризик од сообраќајни незгоди, особено за мотоциклистите. Нивната улога е визуелно да ги потсетат возачите да не се приближуваат до средишната линија и да не го „сечат“ свиокот, што е една од честите причини за судири со возила од спротивната насока.
Кај мотоциклистите ризикот е уште поголем, бидејќи при навалување во свиок телото и главата можат да се најдат многу блиску до спротивната лента, дури и кога тркалата остануваат во рамките на сопствената сообраќајна лента. Токму затоа овие ознаки служат како дополнително визуелно предупредување кое ги поттикнува возачите да одржат побезбедна линија на движење.
Ваквата практика веќе е воведена во повеќе европски земји, меѓу кои Австрија, Германија, Словенија, Шпанија, Луксембург и Шкотска. Според достапните податоци, во австриската покраина Тирол, каде што ваквите ознаки биле поставени на 19 опасни свиоци, бројот на незгоди со мотоциклисти значително се намалил во наредните години.
Сообраќајните експерти истакнуваат дека станува збор за едноставно, но ефикасно решение кое не бара скапа инфраструктура, а може значително да придонесе за намалување на бројот на сообраќајни несреќи.
Доколку ги забележите овие бели кругови на патот, тоа е јасен сигнал дека се приближувате до опасен свиок и дека е потребно да ја намалите брзината, да останете во својата лента и да возите со зголемено внимание.
Previous ArticleСО „БЕЗБЕДЕН ГРАД“ 40 ОТСТО ПОМАЛКУ ЗАГИНАТИ ВО СООБРАЌАЈОТ

