Во координирана акциска контрола на пловните објекти на Охридското Езеро, спроведена вчера (5 јули), полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, во соработка со Регионалниот центар за гранични работи Запад и инспектори од Капетанијата на пристаништа – Охрид, контролирале вкупно 63 пловни објекти.
Според информациите од СВР Охрид, при контролите биле констатирани 52 прекршоци кај 31 пловен објект и 31 лице. Меѓу најчестите прекршоци се управување со необележан и нерегистриран пловен објект, немање задолжителна опрема, управување за време на забрана, пловење без одобрение, превезување повеќе патници од дозволеното, како и неносење пловидбена дозвола.
Полициските службеници извршиле и алкотестирање на управувачите, при што кај девет лица било утврдено присуство на алкохол.
Во рамки на акцијата биле контролирани и лицата кои изнајмуваат педалинки. Кај петмина биле утврдени неправилности, односно нецелосна примена на безбедносните правила при нивното изнајмување.
Од СВР Охрид информираат дека акциските контроли ќе продолжат и во текот на летната сезона, со цел доследно почитување на Законот за внатрешна пловидба и зголемување на безбедноста на Охридското Езеро.

