Започнува реализацијата на автопатот Скопје – Блаце, откако беше потпишан договор за грант во вредност од 30,8 милиони евра со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), соопшти Министерството за транспорт.
Според информациите од министерот за транспорт Александар Николоски, проектот претставува значаен чекор во развојот на патната инфраструктура и регионалната поврзаност на земјата, како дел од пошироката стратегија за позиционирање на Македонија како клучна транспортна крстосница на Балканот.
Автопатот Скопје – Блаце е дел од трансевропската рута 6, која ја поврзува земјата со Косово, а преку регионалните коридори овозможува подобра поврзаност со пристаништата во Албанија и Црна Гора. Од Министерството посочуваат дека оваа сообраќајна врска има значење за унапредување на трговијата, олеснување на деловните активности и развој на туризмот.
Дополнително, се нагласува дека по подолг период, како изведувач на проектот е избрана домашна компанија, што според Министерството претставува потврда за капацитетот на македонските фирми да реализираат големи инфраструктурни проекти.
Со реализацијата на автопатот се очекува подобрување на безбедноста и протокот на сообраќај, како и зајакнување на економската и регионалната интеграција.
ПОЧНУВА ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТОТ СКОПЈЕ – БЛАЦЕ, ОБЕЗБЕДЕН ГРАНТ ОД 30,8 МИЛИОНИ ЕВРА
1 Min Read

