Охрид се подготвува за една од најочекуваните музички вечери ова лето. Џала Брат и Буба Корели на 31 јули ќе настапат во Egoist Beach Bar, а интересот за концертот е огромен – преостануваат уште мал број влезници до целосна распродажба, велат од организацијата на настанот.
Настапот во Охрид е дел од нивната регионална GOAT TOUR, турнеја која годинава привлече големо внимание и ги потврди како едни од највлијателните имиња на балканската музичка сцена. По големиот успех на новиот албум GODZILLA, кој за кратко време се искачи високо на трендинг листите и стриминг платформите, дуото продолжува со серија концерти низ регионот.
Публиката покрај Охридското Езеро ќе има можност првпат во живо да ги слушне новите песни од албумот GODZILLA, кој содржи 10 траки. Меѓу нив особено внимание привлече песната „Муфаса“ во соработка со Раста, која веднаш стана една од најактуелните теми меѓу нивните фанови.
Познати по енергичните настапи, модерната продукција и препознатливиот звук, Џала Брат и Буба Корели веќе одамна ги надминаа регионалните рамки. Нивните концерти се претворија во вистински спектакли, со публика која ги следи низ целиот Балкан и Европа.
Успешната GOAT TOUR неодамна донесе две распродадени вечери во Арена Загреб, а голема еуфорија предизвика и концертот во Скопје, каде што илјадници фанови беа дел од почетокот на турнејата.
Сега вниманието е насочено кон Охрид, каде што летната атмосфера покрај езерото ќе биде збогатена со најголемите хитови на дуото, но и со новите песни кои веќе стануваат дел од летните плејлисти низ регионот.
Концертот е во организација на Music Week, а последните влезници за настапот на 31 јули се достапни преку mktickets.mk.

