Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека Македонија треба да овозможи електронско гласање за државјаните кои живеат во странство, оценувајќи дека во наредните три години може да се создадат техничките предуслови за реализација на таков систем.
Според Андоновски, дигитализацијата што веќе се спроведува во државата, како и развојот на системите за електронска идентификација, претставуваат добра основа за воведување на електронско гласање за дијаспората. Тој посочи дека процесот би се реализирал во соработка со Државната изборна комисија и би бил наменет за македонските државјани кои живеат надвор од земјата.
„Имаме три години со процесот на дигитализација за да го овозможиме тоа. Ова се луѓе што во Македонија годишно носат над една милијарда во дознаки, што значи дека ја поддржуваат македонската економија, ги поддржуваат своите сограѓани што живеат тука, дел од своите семејства, пријатели, отворааат сопствени бизниси “, изјави Андоновски, додавајќи дека целта е на следните парламентарни избори да биде овозможен ваков начин на гласање за иселениците.
Министерот истакна дека повеќе европски држави веќе применуваат или тестираат модели на електронско гласање, што, според него, покажува дека ваквото решение е технички остварливо доколку се обезбедат соодветни безбедносни механизми и законска рамка.
Прашањето за начинот на гласање на дијаспората останува дел од пошироките разговори за измени на Изборниот законик. За воведување електронско гласање ќе биде потребен политички консензус и усвојување на соодветни законски измени пред неговата евентуална примена.
ДИЈАСПОРАТА ЈА ПОДДРЖУВА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА И СВОИТЕ СОГРАЃАНИ, ТРЕБА ДА И СЕ ОВОЗМОЖИ ЕЛЕКТРОНСКО ГЛАСАЊЕ, ТВРДИ АНДОНОВСКИ
2 Mins Read

