Министерството за образование и наука предлага измени на Законот за студентскиот стандард со кои се воведуваат построги критериуми за сместување во студентските домови, со цел да се подобрат безбедноста и условите за престој на студентите.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, информираше дека во собраниска процедура се законски измени со кои се утврдува максимална старосна граница од 30 години за студентите кои аплицираат за сместување во студентските домови.
Според Јаневска, анализите покажале дека дел од студентите со години го продолжуваат престојот во домовите, користејќи ги законските можности за тоа, при што за субвенциониран месечен износ ги користат услугите за сместување, исхрана и комунални трошоци. Новото законско решение, како што посочи, има за цел овие капацитети да бидат достапни за студентите на кои навистина им се потребни.
Со измените се предвидуваат и казнени мерки за потешки повреди на куќниот ред. Студентите кои ќе предизвикаат поголема штета на инвентарот, ќе бидат затекнати со алкохол или други недозволени супстанци, или ќе покажат агресивно, насилничко, навредливо или дискриминаторско однесување, би можеле да добијат забрана за сместување во студентски дом во период од една до пет години.
„Мора да ја подигнеме безбедноста во домовите. Тоа е основното“, нагласи Јаневска, додавајќи дека санкциите се насочени кон заштита на студентите, вработените и имотот, како и кон обезбедување непречено функционирање на студентските домови.
Министерката потсети дека паралелно со законските измени се реализираат и значајни инвестиции во студентската инфраструктура. Во тек е темелна реконструкција на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“, која, според најавите, треба да заврши до октомври. По реконструкцијата, двата дома ќе бидат модерни и енергетски ефикасни објекти.
Јаневска изрази очекување студентите одговорно да ги користат обновените капацитети, со цел тие да останат во добра состојба и за идните генерации.
СТАРОСНА ГРАНИЦА ОД 30 ГОДИНИ И ЗАБРАНИ ЗА НЕДОЛИЧНО ОДНЕСУВАЊЕ ВО СТУДЕНТСКИТЕ ДОМОВИ
2 Mins Read

