-Човек треба да се научи прво да си ги прости своите грешки самиот на себе, а потоа да ги прости и на другите. Кога ќе простиш, ќе го најдеш својот мир и ќе се ослободиш. Треба да се најде мирот и љубовта кон луѓето, и колку што е можно човек треба да му се радува на животот. Ние сме гости на овој свет, често знаела да каже.

На денешен ден во 1934 година е родена големата македонска актерка Љупка Арсова – Џундева, жената која играше во првиот македонски филм „Фросина“, како и во првата македонска комедија, култната „Мирно лето“.
Целата кариера ја помина на сцената на Македонскиот народен театар, а последната улога во МНТ ја одигра во 2015 година, три години пред да почине на 84-годишна возраст.
Во текот на својата кариера се закити со бројни признанија, како и Наградата за животно дело „11 Октомври“, награда за животно дело „Војдан Чернодрински“ и награда „13 Ноември“ на град Скопје. Целиот живот го поминала во Скопје, детството и младоста во својот дом во близина на Градскиот Парк, а потоа кога се омажила со Петар Џундев, првин живееле во стан во центарот на градот, кој бил сосема разрушен во земјотресот во 1963 година. Потоа создале нов дом во Скопје и таму останала до крајот на својот живот.
За неа блиските велат дека била од оние стари скопјанки кои на градот му припаѓале со срцето и душата.

