-Дознав дека во Скопје еден човек починал од страв во кино, гледајќи ја премиерата на филмот ,,Лептирица” во 1973 година, за тоа тогаш пишувале и весниците во Македонија. Првин се објавила веста во локален весник, а потоа стигна и до Белград, одеше и на телевизија. Тогаш за мене започнаа приказни и шеги на моја сметка, дека сум убиец и што ли уште не, некој црн хумор, кој одговараше на мојот лик – пред три години за време на доделување на почесна награда на филмски фестивал во Србија раскажа режисерот Ѓорѓе Кадијевиќ.

Познатиот режисер почина пред неколку дена на 94-годишна возраст, и останува запаметен како човек кој го сними првиот хорор филм во Југославија (,,Лептирица”) во 1973 година, а потоа и филмот ,,Свето место” – дела кои ја одбележаа југословенската хорор кинематографија.
,,Лептирица” и денес има култен статус, а ја раскажува приказната за најпопуларниот српски вампир, Сава Савановиќ. Повозрасните генерации го памтат како трауматичен филм кој сееше страв и предизвикуваше кошмари ширум Југославија, а по повод 50 години од снимањето, во 2023 година имаше почесна проекција на Софест.
-Ако човек не умре на време, се може да доживее. Мајка ми и сестра ми беа убиени од човек кој беше двапати постар од неа, и бидејќи таа не го сакаше, поради одмазда ги уби во нашата кујна. Потоа изврши самоубиство. Јас морав да влезам во кујната и да ги видам нивните тела… Но, тоа не беше крајот на несреќата. Ќерка ми почина на 24 години од шеќерна болест, по шест години жена ми ја нападна уште пострашна болест, и таа почина. Го имам само син ми, раскажуваше во постари интервјуа режисерот Кадијевиќ.
Десет дена пред неговата смрт почина и неговиот син Александар, на возраст од 64 години.

