Случајот со Љубиша Каровиќ (61) од Србија, кој преживеа драматична ситуација во авион откако декомпресијата делумно го извлекла низ прозорецот на леталото, потсетува на слична несреќа што се случи пред осум години во Соединетите Американски Држави. За разлика од Каровиќ, американскиот случај заврши со трагичен исход.
Во април 2018 година, во авионот на компанијата „Саутвест ерлајнс“, кој летал од Њујорк кон Далас со 149 лица, делови од еден мотор го скршиле прозорецот на кабината. Поради наглиот пад на притисокот, патничката Џенифер Риордан (43) била делумно извлечена низ отворот додека авионот се наоѓал на височина од околу 9.700 метри.
Како и во случајот со Љубиша Каровиќ, другите патници веднаш реагирале и се обиделе да ѝ го спасат животот. Тие ја фатиле и со сите сили се обидувале да ја повлечат назад во кабината.
„На авионот има дупка, некој испадна!“, пријавила капетанката Тами Џо Шулц во разговорот со контролата на летање, опишувајќи ја драматичната состојба во авионот.
Патниците раскажале дека најпрво се слушнал силен удар, по што веднаш паднале маските за кислород. Екипажот им наредил да се подготват за принудно слетување. Некои патници плачеле од страв, додека други се обидувале да ги охрабрат луѓето околу себе.
-Се сеќавам само дека го држев сопругот за рака и дека се молевме, се молевме и се молевме. Мислев на моите ќерки и само сакав повторно да ги видам, раскажуваа патници за американските медиуми.
-Притисокот делумно ја извлече од авионот. Еден човек не можеше сам да ѝ помогне, па му се придружи уште еден патник и заедно се обидуваа да ја вратат назад. Луѓето врескаа. Патниците што седеа веднаш до неа ја држеа. Рацете на еден од мажите беа крвави додека се обидуваше цврсто да ја задржи, сведочеа патниците.
Иако патниците успеале да ја вратат Џенифер Риордан во кабината и веднаш ѝ била укажана прва помош, таа подоцна починала од повредите. Во инцидентот биле повредени уште седум лица.

