Жител на Гостивар на возраст од 56 години двапати бил приведен во текот на 12 јули поради нарушување на јавниот ред и мир, откако најпрво предизвикал инцидент за време на традиционалната манифестација „Галичка свадба“, а неколку часа подоцна повторно бил лишен од слобода во Гостивар.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, првото приведување било во 10:45 часот во село Галичник, каде полициски службеници од Полициското одделение Маврово го привеле поради агресивно однесување за време на одржувањето на манифестацијата „Галичка свадба“.
Само десет часа подоцна, во 20:40 часот, истиот маж повторно бил приведен, овој пат на улицата „Браќа Ѓиновски“ во Гостивар, бидејќи повторно го нарушувал јавниот ред и мир.
При алкотестирањето било утврдено дека имал 1,75 промили алкохол во крвта. Од МВР информираат дека по целосното документирање на двата случаи против него ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

