На 73-годишна возраст почина Тинка Ристеска, една од најистакнатите актерки и доајенка на струмичкиот театар, која зад себе остави повеќе од пет децении богата уметничка кариера.
Ристеска беше меѓу основачите на Народната установа Центар за култура „Антон Панов“ во Струмица и повеќе од 55 години беше препознатливо име на театарската сцена. Во текот на својата кариера оствари над 100 улоги во претстави од домашната и светската драмска литература, меѓу кои „Галеб“, „Стаклена менажерија“, „Ромео и Јулија“, „Магбет“, „Печалбари“ и „Женидба“.
Покрај богатата театарска дејност, таа остави значаен печат и во телевизиски продукции и долгометражни филмови. И по пензионирањето во 2005 година продолжи активно да настапува, останувајќи верна на сцената и уметноста.
Од Струмичкиот театар се простија од својата долгогодишна колешка со зборовите дека таа беше не само врвна актерка, туку и човек кој несебично го споделуваше своето знаење и искуство со помладите генерации, оставајќи трајно наследство во македонската театарска уметност.
Погребот на Тинка Ристеска ќе се одржи утре во 12 часот на градските гробишта во Струмица, а посмртните останки ќе бидат изложени од 11 часот во градската капела.

