По бурните јавни обвинувања за недоволна промоција и лоша организација на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), кој се одржа во Скопје и Куманово од 20-ти до 26-ти јули, се огласи и министерот за спорт, Борко Ристовски. Тој тврди дека Министерството за спорт не е официјален организатор на ЕМОФ Скопје 2025, а се што било побарано од институцијата на чие чело е, било исполнето во целост.
-Денеска цел ден добивам пораки од граѓани со неточни, паушални, па дури и навредливи тврдења кон мене и кон институцијата што ја водам како министер.
Не сакам да споменувам имиња на градоначалници и градоначалнички, имиња кои се веќе завршени приказни во политиката, а некои чекаат и извршување на затворски казни, во контекст на организацијата на Европскиот младински олимписки фестивал ЕМОФ Скопје 2025. Ќе потсетам дека на прес конференцијата на 6-ти април посочив дека ова е голем настан од кој спортот треба да има бенефит пред се поради големиот број на македонски учесници.
Да потсетам дека од нас помош беше побарана во последните 90-100 дена. Сугерирав дека ние немаме капацитет и моќ, но добивав уверувања дека организаторот ќе се справи со предизвикот. Тоа што беше побарано од институцијата што јас ја водам како министер беше исполнето во целост! И пак ќе потсетам дека Министерството за спорт не е официјален организатор на ЕМОФ Скопје 2025, истакнува министерот.
Понатаму, во своето јавно обраќање Ристовски посочува дека ако некој треба да сноси одговорност за пропустите во организацијата, тоа биле оние кои ја превзеле одговорноста и обврската да го организираат настанот.
-Пропустите се резултат на неспособноста на една градоначалничка и на одговорните луѓе во МОК! Министерството за спорт ќе продолжи да работи со сите институции во рамките на своите надлежности, но нема да молчи пред невистини и обиди за дефокусирање од реалната слика. Работата не се средува со преписки и со пишување статуси на Фејсбук, туку со соочување со реални факти и аргументи.
Кога некој е неуспешен во некоја работа, најлесно е да пишува по социјалните мрежи и да шири невистини, порача Ристовски.
Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска пак, соопштија дека Град Скопје помогнал земјава да биде домаќин на ЕМОФ 2025, и како МОК и Министерството за спорт цела година ја организирале олимпијадата, а Град Скопје го исклучиле.
Инаку, на настанот настапија над 4.000 млади спортисти од 49 европски земји.
Деск

