Тврдокрилци од фамилијата Колиптера се преносители на пожарите, запалени служат како горливи искри и префрлаат преку асфалт, информира Весна Сенева од подружницата Серта – ЈП Национални шуми.
На социјалните мрежи таа објави видео на кое еден од шумарите раскажува за средбата со запалените скакулци.
-Еве го преносителот на пожарот кој не нападна! Се зачудивме кога видовме како од едната страна се префрли на другата. Сведоци бевме, тие опожарени се префрлаат од една на друга страна и го пренесуваат пожарот. Овој инсект е еден од причинителите на пожарите, неговата појава беше масовна, но има и други инсекти кои бегаат од опожарена површина кон неопожарената, а со себе го носат и пожарот, раскажува шумарот во видеото и покажува ќеса во која ставил примероци од скакулците.
Додава дека не успеале да ја снимат глетката кога рој на опожарени скакулци летале од една на друга страна, бидејќи во моментот биле нападнати и неспремни, а инсектите биле во огромен број. Додава дека тие се живо гориво, посебно кога ќе слетале на сува трева.
Околу тоа дека на планината Серта изминатиот месец има наезда од големи скакулци, сведочат и велосипедисти кои возеле по регионалниот пат од Неготино кон Штип и обратно. Велат дека цели роеви на големи скакулци се удирале во нив додека се симнувале од Серта по коловозот, и такво нешто не било забележано во изминатите години.
Пожарот на планината Серта од штипска страна веќе со денови не е изгаснат. Периодично се става под контрола, но потоа пак се разгорува. Денешната информација од Центарот за управување со кризи е дека е ставен под контрола.
В.К.
Цел рој опожарени скакулци летаа, бевме нападнати и неспремни да го снимиме призорот, раскажува шумар за случката на Серта
2 Mins Read

