Во посета на Кабинетот беа учениците од скопските основни училишта „Димитар Поп Георгиев – Беровски“, „Киро Глигоров“, „11 Октомври“ и од училиштето „Драга Стојаноска“ од с. Долно Соње кои со голем интерес ја проследија свечената церемонија на менување на државното знаме, соопшти претседателката Гордана Силјановска Давкова.
Таа откри детали од посетата, кога учениците ја изненадиле со интересни прашања, помеѓу кои и зошто во Македонија со децении имало само мажи на претседателската функција.
-Учениците изразија голем интерес за претседателската функција и нејзиното извршување. Со искреност и неочекувана зрелост, тие поставија сериозни прашања, небаре возрасни: зошто со децении сме имале само мажи на претседателската функција, дали ќе помогнам во обединувањето, дали ме сакале и дали ми недостигаат студентите, дали сум била одлична ученичка…
Но, сакаа да ,,ѕирнат” и во личниот свет: моето хоби, омилена книга, филм, љубов кон животните. Им раскажав за новото милениче, македонското овчарско куче Караман, што неодамна стана дел од моето семејство и им покажав негова фотографија.
Ги охрабрив да учат, да читаат, да веруваат во силата на знаењето, доброто и љубовта, да крититикуваат, но да не навредуваат, да го почитуваат другиот и поинаквиот, истакна претседателката.
Деск
Ученици од основни училишта и поставиле интересни прашања на претседателката Силјановска Давкова
1 Min Read

