Светол пример на хуманост и човечка солидарност деновиве доаѓа од Неготино. Станува збор за генерација која славела матура во 2000 година, односно за сите кои биле матуранти таа година, а се школувале во неготинската гимназија ,,Свети Кирил и Методиј” од сите насоки – Математичка, Електро, Прехранбена и Општа гимназија.
Како што раскажуваат за ВИКИМЕДИА, кога годинава решиле да се соберат по повод 25 години од матура, и да организираат заедничка дружба во угостителски локал, случајно дознале дека во тој период во градот се собираат донации за операција 12-годишно девојче. Станувало збор за скапа интервенција која требало да се изведе на клиника во Турција, и затоа решиле на својата прослава по повод 25 години матура, да и дадат и хуманитарен карактер.
-За случајот со Марија дознавме кога во основното училиште ,,Страшо Пинџур”, каде учат моите деца, а учи и таа, забележавме волонтери од Црвениот крст, со кутии за донации. Сите сме свесни колку се тешки тие ситуации за едно семејство, па затоа со школсите одлучивме да дадеме свој придонес и да помогнеме.
Поради тоа, на собирот по повод годишнина од матурата, влезниците се продаваа по малку повисока цена, наместо по 1.000, по 1.500 денари, а тие средства од разликата во цената ги собравме и сакавме да ги донираме како помош за Марија. Но, во меѓувреме операцијата беше извршена и акцијата за донирање стана неактивна, а средствата останаа. Одлучивме да ги уплатиме на сметка на првата наредна акција за донации во Неготино, да помогнеме на некој наш сограѓанин. Но, ете се случи повторно да се активира акцијата за донации за Марија, на која сега итно и се потребни постоперативни скапи третмани.
Разговаравме со школските, и денес ги уплативме средствата на сметката на мајката на Марија. Се работи за симболична сума од 38.850 денари, но доколку нашиот пример го следат барем уште две-три генерации на матуранти, знаеме дека тоа ќе биде од голема помош, раскажуваат иницијаторите на акцијата.
Додаваат дека во ова море од лоши вести, секој треба да се потруди на свој начин да даде придонес за општеството, да помогне каде и колку што може, да му се покаже на оној кој минува низ лош период дека не е сам, дека заедницата стои покрај него.
-Ние сме дел од една иста заедница, мораме да најдеме начин да си пружиме поддршка едни на други. Сите кои бевме дел од оваа акција, денес се чувствуваме исполнето, знаејќи дека некому сме пружиле рака во тежок период. Акцијата за Марија се уште трае и е можност граѓаните, но и општествено-одговорните компании да ја покажат својата солидарност. Сведочиме колку средства се даваат за прослави на матура, за годишнини, за организирање на предновогодишни забави, коктели во фирми…
Кога секој од нас би одвоил барем една мала, симболична сума и би ја пренаменил таму каде е неопходна, светот ќе биде поубаво место за живеење, ни изјавија матурантите од генерација 2000, со надеж дека нивниот пример ќе го следат и останатите граѓани.
Повеќе детали за акцијата за донации на Марија се објавени на платформата Павел Андреев, каде се организираат бројни добротворни онлајн кампањи.
Вики Клинчарова

