Швајцарскиот изведувач Немо, победник на Евровизија 2024, објави дека го враќа трофејот од Евровизија бидејќи организаторот на натпреварот му дозволува на Израел да учествува и покрај војната во Газа. Одлуката доаѓа во момент кога пет држави веќе најавија бојкот на натпреварот во 2026 година, што дополнително ја продлабочува кризата на музичкиот спектакл кој со години се обидува да се дистанцира од политиката.
Во видео објавено на Инстаграм, Немо го држи стаклениот трофеј во форма на микрофон и порачува:
„Денес повеќе не чувствувам дека оваа награда припаѓа на мојата полица.“
Немо нагласи дека Евровизија официјално се залага за единство, инклузивност и достоинство за сите луѓе, но дека дозволувањето на израелскиот настап, со оглед на војната во Газа, е во спротивност со тие вредности.
Трофејот, освоен во мај 2024 година со песната „The Code“, Немо го спакувал во кутија за која рече дека ќе биде испратена во седиштето на Европската радиодифузна унија (EBU) во Женева, организацијата што го води натпреварот.
Освен гестот на Немо, притисокот врз EBU дополнително се зголеми со најавите за бојкот од неколку држави. Пет земји – Шпанија, Холандија, Ирска, Словенија и Исланд – објавија дека ќе ја бојкотираат Евровизија 2026 година откако EBU одби да го исклучи Израел од натпреварувањето.
„Кога цели држави се повлекуваат, треба да биде јасно дека нешто е длабоко погрешно“, порача Немо во истиот видео-снимок, пишува „Euronews“.
Овие најави фрлаат сенка врз иднината на натпреварот кој со децении важеше за „feel-good“ телевизиски спектакл, прослава на поп-културата и благо натпреварувачко ривалство меѓу државите.
Следното издание на натпреварот треба да се одржи во мај 2026 година во Виена, откако австрискиот изведувач JJ победи на Евровизија 2025 во Базел, Швајцарија. Според долготрајната традиција, земјата победничка е домаќин на следното издание на натпреварот.
М.К.

