Душко Тимов и Даница Тимова се принцот и принцезата кои вчеравечер заедно со кралот и неговата свита ја предводеа карневалската поворка на Струмичкиот карневал 2026.
Тие беа избрани на завечерашниот традиционален маскенбал кој се одржа во хотелот „Сириус“.
Вековната традиција Струмички карневал, кој се одржува секоја година во рамките на тримерските денови, односно на почетокот на големиот Велигденски пост, претставува еден од централните настани во Општина Струмица.
Иако настанот се одржува континуирано со векови, во 1990 година доживеал возобновување, и го полни градот со посетители од сите краеви.

Карневалските маски, посебно групните кои вклучуваат поголем број на карневалисти, се изработувале со месеци наназад. Некои од учесниците купувале маски и од странство, и околу нивниот избор секогаш се посветувало големо внимание. Растежот на карневалот во изминатите години е неспорен, а со симболичното предавање на клучот на градот од страна на градоначалникот на карневалистите, се праќа пораката за отвореноста и гостопримството на Струмица.
Освен бројните посетители од целиот регион, па и од подалечни земји од светот, како и негување на старата традиција, Струмички карневал е познат и како еден вид на симбол на сплотеност помеѓу граѓаните.
За да биде настанот организиран на ниво, професионално, и да ја прикаже Струмица во најдобро светло пред светот, секој еден граѓанин го дава својот максимум.
Во 2022 година, веднаш по симболичното предавање на карневалскиот клуч, беше промовирана монографијата за 30-годишниот карневал во организирана форма „Струмичко чудо“ од авторите Александар Цицимов и Катерина Милушева. Монографијата го опишува развојот на ова манифестација со посебен акцент на последниве три децении, кога струмичкиот каренавал стана дел од Европската асоцијација на карневалските градови и стана еден од најдобрите улични карневали во Европа.
В.К.
Фото: Фејсбук страница на Струмички карневал

