Вчера во 09:40 часот во ОВР Неготино, Љ.Т.(67) од Неготино пријавил дека во близина на приватна здравствена установа во Неготино, машко лице му упатувало закани, соопшти секторот за внатрешни работи Велес.
Подоцна, како што известуваат од полицијата, во ОВР Неготино, Ф.Ф.(36) од село Прждево, демиракписко, пријавил дека кога излегувал од здравствена установа во Неготино, Љ.Т. снимал со мобилен телефон и откако побарал да запре со снимањето, тој му упатил навреди.
Исто така, од секторот известија дека Г.Н (44) од Неготино, пријавил дека Љ.Т. од Неготино, подолг период го снимал со мобилен телефон него, пациентите што доаѓале во неговата здравствена установа и неговото возило, а видеата ги објавувал на социјални мрежи.
Лицето кое било пријавено поради снимање со мобилен телефон е советникот во Општина Неготино, Љубе Темелков од редовите на МААК, кој за ВИКИМЕДИА вели дека траспарентно сака да и образложи на пошироката јавност за што станува збор.
Како што вели, тој не снимал пациенти и здравствени работници, туку ги снимал возилата кои биле паркирани пред ординацијата, бидејќи така му било кажано од полиција.
-Подолго време реагирам поради проблемот со паркирање на возила во близина на ординацијата, и во повеќе наврати пријавувам во полиција, сакајќи да укажам на ситуацијата. Од таму ми одговараат да им приложам фото или видео доказ, дека патот е узурпиран од паркирани возила. Токму поради тоа и снимам.
Ниту сум снимал здравствени работници, ниту пациенти, јас како советник работам во интерес на јавноста. Немам никаков проблем со докторот кој ме пријавил, туку само сакам да се воведе ред во паркирањето.
Кога ова соопштение од страна на МВР го чита пошироката јавност, се добива погрешен впечаток за настанот. Затоа и сакам да појаснам, ниту едно физичко или правно лице не е цел на моето фото и видео документирање, туку се работи за укажување до институциите за паркинг проблем, кое го поткрепувам со снимени материјали, тврди советникот Темелков.
Проблемите со слободен паркинг простор не се ништо ново во Неготино. Пред пет години во градот започна со работа ЈП Паркинзи, со цел да се стави ред во делот на паркирањето.
Сепак, со хоризонталното обележување на достапни паркинг места, посебно во централното подрачје каде има станбени згради во кои живеат стотици семејства, им се отвори проблем најмногу на станарите на зградите, кои претходно поради недостиг на слободен простор најчесто ги паркираа возилата вертикално, делумно покренати на тротоарот.
Сега со новите правила за паркирање, значително е намален бројот на паркинг места, и луѓе кои уредно платиле годишна карта за користење на јавен паркинг, реагираат дека мака мачат да најдат слободно место. Токму поради тоа, неретки беа јавните укажувања и апели, да се промени сообраќајниот режим на улиците Маршал Тито и Партизанска, и улиците да станат еднонасочни, со што би се ослободил простор, и би се решил проблемот со недостаток на слободни паркинг места, кој неретко е причина за конфликти помеѓу граѓаните.
В.К.
ДОКТОР ПРИЈАВИЛ ДЕКА СОВЕТНИК ОД НЕГОТИНО ГО СНИМАЛ НЕГО И ПАЦИЕНТИТЕ СО МОБИЛЕН, СОВЕТНИКОТ ВЕЛИ ДЕКА СНИМАЛ НЕПРОПИСНО ПАРКИРАНИ ВОЗИЛА
3 Mins Read

