Во недела во центарот на Скопје, по повод 8 март – Меѓународниот ден на жената, ќе се одржи традиционалниот марш за женски права. Маршот ќе започне во 12 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, во знак на протест и отпор кон фактичкото и фигуративното бришење на жените во нашето општество.
Годинава слоганот на маршот е „Нема да нè снема“, кој ја изразува непоколебливата и нужна борба на жените да опстојат во систем и општество што ја загрозуваат нивната безбедност, не ги штитат од насилници, ги забораваат, ги оставаат на маргините и ги бришат.
-Срцата ни се скршени, но гневот нема да ни го земат!
Не молчиме. Не прифаќаме. Не се помируваме.
Уште колку жени ќе снема додека институциите се неми поддржувачи и поттикнувачи на насилство?
2025 година беше рекордна по фемициди и по случаи на родово-базирано и семејно насилство, а годинава почна исто така со голем број случаи на убиства и насилство врз жени и девојки.
Фемициди, силувања, напади, закани, омраза, вознемирување, демнење, уценување, мизогинија и сексизам, не се изолирани инциденти туку резултат на нашето секојдневие кое ги дехуманизира жените.
Сите надлежни институции, кои со години игнорираат, минимизираат, релативизираат, поттикнуваат и доволуваат насилство врз жени се виновни. Виновна е и заедницата која избира да им верува на насилниците, наместо на жртвите.
Во ова општество жената е оставена сама да докажува, да се штити, да бега и залудно да бара помош. Во ова општество жената е најнебезбедна токму онаму „каде што ѝ е местото“: дома.
Ова општество ги учи мажите дека имаат надмоќ, дека жените се нивна сопственост и имаат право да ги поседуваат, контролираат, па дури и одземат нашите животи, истакнуваат организаторите на маршот.
Додаваат дека со години маршираат и се борат за достоинство, слобода, безбедност, превенција, заштита и живот без страв.
-И оваа година ќе маршираме и со пркос кон културата на насилство ќе порачаме: нема да нè снема. Нема оправдувања, нема затајување, нема заборавање.
Заедно да им се спротивставиме на силеџиите, насилниците, убијците и институциите, порачаа и повикуваат на излезеност.
Деск

