Семејниот концерт, насловен “Музиката што нè роди”, ќе го изведат ќерката и таткото, Марта и Васил Хаџиманов, во недела, 8-ми март во клубот BitefArtCafe во Белград.
Бидејќи концертот за Меѓународниот ден на жената е веќе распродаден, закажано е уште едно изведување за петок, 13 март.
Настапот на ќерката Марта и таткото Васил е планиран како дел од фестивалот и серијата “Musicology Sessions”, во продукција на BitefArtCafe, кој ги претставува меѓународните ѕвезди од џез, блуз, фанк, соул и R&B сцената.
“Musicology Sessions” носи интимна концертна вечер во популарниот клуб “БитефАртКафе” на Меѓународниот ден на жената, 8 март, со акустичен звук и семејни музички приказни пренесувани од генерација на генерација, кои го имаат обележано воспитувањето и музичкото патување на двете семејства.
Вечерта ќе биде посветена на Сенка Велетанлиќ, дама на југословенската џез и евергрин сцена, која за жал почина во јануари оваа година.
Марта и Васил Хаџиманов носат пред публиката сè што им останало како наследство – дар и беспрекорна љубов кон извонредната музика.
Овој специјален концерт го оживува духот на една ера, како и безвременоста на прекрасниот и моќен глас на Сенка. Во репертоарот ќе бидат вклучени песни од Зафир Хаџиманов и Сенка Велетанлиќ, Василиса, Бисера Велетанлиќ и дедото Васил – сите оние кои го ткаеја звукот и емоцијата во животите на генерациите.
Б.Н.
ВАСИЛ ХАЏИМАНОВ И НЕГОВАТА ЌЕРКА СО ОСМОМАРТОВСКИ КОНЦЕРТ ВО БЕЛГРАД, ПОСВЕТЕН НА СЕНКА
2 Mins Read

