Денес се одбележува Светскиот ден на бубрегот, а годинава се одбележувањето е под мотото „Здрави бубрези за сите – се грижиме за пациентите и ја заштитуваме планетата“.
Хроничната бубрежна болест претставува сериозен глобален здравствен предизвик, а најчести причини за оштетување на бубрезите се дијабетесот и покачениот крвен притисок.
Во годините наназад, во повеќе наврати пишувавме за случаи кога пациенти со сериозно бубрежно заболување, по пат на трасплантација добиле шанса за живот, а во повеќето слуачи донор била мајката на пациентот.
Така на пример, пред две години, тогаш 21-годишниот охриѓанец Мухамед Максуд успешно беше опериран на клиника во Турција и доби бубрег од неговата мајка.
За студентот, кој работеше и како такси возач, во земјава се организираа акции за собирање на средства за скапата интервенција. Во пресрет му излезе платформата за донации E-crowd, и средствата беа собрани во рекордно време, а операцијата помина успешно.
Како ретко кој, Мухамед тогаш покажа голема човечност и големина, кога откако собрал повеќе средства од потребните за интеревенцијата, решил остатокот од парите да го редонира за 10-годишно девојче на кое му беше потребно помагало за движење, односно мобилна скалишна столица.
Пред шест години пак, тогаш 19-годишниот Дарко Митров од Кавадарци беше опериран на клиниката Аџибадем Систина Атакен, во Турција.
Со бубрегот кој му го донираше мајка му, тој продолжи со нормален живот, без редовна дијализа и секојддневни ограничувања поради болеста.
Набргу по успешната операција, тој ни изјави дека мајка му ниту еден момент не се двоумела дали да биде донор, и доколку било потребно и срцето ќе му го дадела. И за неговата операција се собираа донации од хуманите граѓани.
Во нашата држава околу 85% од пациентите со терминална бубрежна слабост се третираат со хемодијализа, додека околу 15% со трансплантација на бубрег. Од Министерството за здравство упатуваат апел за подигнување на свесноста за значењето на трансплантацијата, како чин што спасува живот и претставува највисок израз на човечка солидарност.
В.К.

