Дејан Јанков од Свети Николе, сопруг на Злата, жената која исчезна на 16 јуни 2024 година, утрово започна штрајк со глад. За ВИКИМЕДИА вели дека ќе стои и гладува пред полициската станица во Свети Николе се додека институциите не започнат со работа и не добие одговори каде е неговата сопруга.

-Јас веќе немам што да изгубам! Две години со синовите живееме во постојана агонија, во потрага по одговори. Злата не е игла, па да се изгуби, за возрасна жена зборуваме, посветена мајка и сопруга со која имавме добар живот.
Истрагата не мрдна од место за цело ова време. Не знам повеќе како да го свртам вниманието кон нашиот случај, времето минува, паѓа во заборав настанот. Што и се случило на жена ми, жива ли е, кој стои зад нејзиното исчезнување? Ова не е игра, ова не е небитен случај, па така да биде оставен, без решение. Ако нашите служби не можат да пронаоѓаат исчезнати лица, нека бараат помош од страна, оти не е само Злата исчезната во Македонија, на стотици луѓе не им се знае судбината, вели Дејан.
Неговата сопруга исчезна среде бел ден од селото Орел каде имаат земјоделие, кога од нивната викендичка тргнала да си оди дома во Свети Николе. Кажала дека ќе оди со такси, но никогаш не влегла во возилото.

Како што вели сопругот, до денес не е најден нејзиниот мобилен телефон, ниту пак се дознало чие било возилото кое било забележано во селото истиот ден, а во кое имало две жени.
Во време на исчезнувањето Злата имаше 45 години. Според Дејан, таа била столбот на нивното семејство, и имале мирен живот, никому не должеле, ниту пак имале конфликт со некого.
Порача дека ќе штрајкува со глад, се додека не добие одговори.
Вики Клинчарова

