Долги години траеше мојата потрага по биолошките родители, и трнлив беше патот додека да го дознаам своето потекло. Како дете дадено на посвојување по раѓање, имав среќа да бидам посвоен од жена која ме одгледа како вистинска мајка, и која уште во раните години ми ја кажа вистината, дека не е моја биолошка мајка. Но, и покрај тоа што имав добар живот со моите родители/посвоители, мене постојано ме копкаше вистината за моето потекло, не ми даваше мир, и започнав да ја барам жената која ме родила, за ВИКИМЕДИА раскажува нашиот соговорник, по потекло од Скопје, 36-годишен, а кој денес живее во странство. Инстистира да не го објавуваме неговиот идентитет, поради, како што вели, предрасуди и негатиивни коментари, со кои може да се соочи.
Вели дека во потрагата по биолошкото потекло му помогнала и неговата мајка, која го одгледала, тропнале на многу врати, со години лутале од еден до друг траг, ангажирале дури и приватен детектив.
Првата информација за биолошката мајка ја добил пред четири години, кога нејзина другарка, која била детално запозната со случајот го контактирала, бидејќи не можела повеќе да ја крие тајната, и така дознал за своето потекло.
-Се дозна целата вистина, го дознав идентитетот на биолошката мајка, но и на биолошкиот татко. Биле во врска, неговите родители не му дозволиле да се ожени со неа, па таа веднаш по раѓање ме оставила за посвојување. Посвоен сум на 11 месечна возраст од Мајчин дом Скопје.
Ако некој мисли дека кога ќе се најде биолошката мајка, нештата се веќе лесни, воопшто не е така. Првин се соочив со тоа, како да и кажам кој сум, не знаев како ќе реагира, бидејќи во меѓувреме се омажила, а се оженил и биолошкиот татко. Поминаа месеци додека да се оствари првиот контакт, кој беше големо разочарување. Таа не сакаше да слушне за мене, бидејќи формирала ново семејство, сопругот не знаел дека оставила дете во дом, исто и биолошкиот татко кој живее со својата сопруга и немаат деца, ми затвори врата, и јасно ми беше ставено на знаење дека не сака да има ништо со мене. Голем удар, со кој морав да се помирам…
Но, го дознав и тоа, дека билошката мајка има син, тој е неколку години помлад од мене, и не знае дека јас воопшто постојам, вели нашиот соговорник.
Појаснува дека отако дознал за братот, го пронашол на социјалните мрежи, ги гледал неговите фотографии, и постојано се измачувал. Сакал да стапи во контакт со него, но се плашел од реакцијата, и стравувал дека и од него може да биде отфрлен.
-Јас сакам да го запознаам брат ми. Тој ми е единствениот роднина по крв, и голем грев е што воопшто не знае дека има брат кој мисли на него. Не знам како да го направам првиот чекор, се плашам дека тој ќе биде повреден поради тоа што се криело од него дека има брат, но стравувам и дека можеби ќе ме отфрли. Разговарав и со правни лица, не би сакал да бидам тужен од биолошката мајка, не сакам да дојдам во судир со законот, но не можам пак ниту да молчам до крајот на животот, бидејќи сметам дека е неправедно кон брат ми да живее во лага. Тешки се овие животни ситуации. Затоа апелирам до државата, направете измени во Законот за семејство, доста е со живот во лаги, секој има право да си го знае биолошкото потекло, да си ги знае браќата и сестрите! Човечки животи се уништуваат и луѓе страдаат минувајќи го животот во незнаење, или пак во вечна потрага по корените. Сите ние имаме право на вистината, вели тој.
Потсетува и на правото секој човек да знае за својата генетика, затоа што тоа се важни податоци за секој кој сака да формира семејство. Алармира и за човековото право да знае дали има браќа и сестри, кои еден ден можат да стапат во контакт без да знаат во каква крвна релација се.
-Се надевам дека мојот глас ќе допре до надлежните институции и дека конечно ќе се започне со решавање на овој проблем кој се турка под тепих, дека посвоените нема повеќе да бидат невидливи, туку ќе можат да го остварат своето право на вистина! Нека мојата животна приказна и голготата низ која минувам со години биде поука за оние кои носат закони и одлучуваат за човечки судбини, дека е време за промени. Никој не заслужува да живее во лага, порача тој.
Додава дека ќе ја информира јавноста околу тоа како ќе се развива приказната со неговиот брат, првенствено поради тоа, што знае дека има илјадници луѓе во земјава, кои се во слична ситуација, кои се уште трагат по своето потекло, или пак кои веќе си ги дознале корените и наишле на нови предизвици и на кои им е потребна поддршка.
В.К.
Фото: Илустрација

