Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведоа вкупно 1.221 вонредна контрола пред Велигденските празници, при што изрекоа парични казни во износ од над 19 илјади евра во денарска противвредност.
Како што информираат од АХВ, во рамки на контролите уништени се повеќе од 272 килограми небезбедна храна, најголем дел од животинско потекло. Дополнително, на депонијата Дрисла нештетно се уништени и над 40 тони небезбедни јајца со потекло од Србија, за кои било спречено нелегално пласирање на домашниот пазар.
Контролите откриле низа неправилности кај операторите со храна, меѓу кои пласирање производи со поминат рок на траење, употреба на замрзнато месо (триминг) во подготовка на производи, како и несоодветно означување на храната. За утврдените недоследности, инспекциските служби донеле 35 решенија за нивно отстранување и изрекле шест опомени.
Во текот на надзорот било утврдено и дека седум објекти не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата. Кај три оператори биле констатирани пропусти во однос на задолжителните здравствени прегледи на вработените и нивната стручна подготовка за ракување со храна, додека кај 13 субјекти биле евидентирани незадоволителни хигиенски и технички услови за работа.
Од АХВ посочуваат дека засилените контроли биле насочени кон сите сегменти од синџирот на храна, со цел спречување на пласирање небезбедни производи и сузбивање на нелегалната трговија во пресрет на празниците.
Деск

