46-годишниот Стојче Ристов од Струмица го живее својот втор живот, благодарение на професор д-р Александар Николиќ, а својата приказна ја сподели со јавноста. Сѐ започнало додека бил на одмор, мигот кога сакал да се опушти и да плива, се претворил во борба за живот. Одеднаш почувствувал силен притисок во градниот кош, па немал сила ни да излезе сам од водата. По неколку дена почувствувал силно печење во градите. Се разбудил по полноќ, се качил во својот автомобил и заминал во болницата во својот роден град Струмица. Од Струмица го препратиле во Штип, а докторите таму му рекле: „Дишеш, но те нема“. Потоа со итна медицинска помош бил испратен во Скопје.
„Сè се одвиваше бргу, како на филм. Ме донесоа во Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’ и веднаш ме внесоа на итна операција кај проф. д-р Александар Николиќ. Белите дробови ми откажаа. Три бајпаса. 46 дена поминав во болница – денови помеѓу живот и смрт“ – вели Стојче.
Објаснува дека доколку не биле докторот Николиќ и неговиот тим, не верувал дека ќе бил жив, тие му подариле втор живот, не само со знаење, туку и со човечност, грижа и несебична борба за секој здив.
„Јас се каам што не одев на доктор порано. Никогаш не бев во болница – до моите 46 години. Но животот ми даде уште една шанса. Бев тежок пушач – четири кутии дневно, 33 години. Денес не сакам ни да ги видам цигарите. Тоа минато остана зад мене“ – вели Стојче.
Денес Стојче кога ќе се погледне во огледало не го гледа истиот човек. Гледа човек што научил да го цени животот, да се радува на обичните работи – утринското кафе, разговор со сопругата, прегратка од децата, прошетка без болка во градите, а неговата приказна е објавена на страницата на Клиничката болница Аџибадем Систина.
Деск

