До последниот здив остана верен на сцената, на публиката и на звукот што го носеше во себе, и почина баш онаму каде што беше најсреќен, на сцената, помеѓу музиката, светлата и емоциите што несебично ги споделуваше со сите нас.

Мирчe Чуков од Ново Село, или струмичанецот познат во јавноста како Мирче од ,,Интервали” почина ненадејно пред четири години, на 64-годишна возраст, само неколку месеци откако се пензионирал. Заедно со неговата сопруга Снежана – Жане повеќе од три децении настапуваа како ,,Интервали”, а последниот настап не успеа да го заврши. Според тогаш достапните информации, му се слошило на сцената и веднаш бил пренесен во болницата во Гевгелија, каде лекарите констатирале дека доживеал разорен инфаркт.
Кога ќе се спомнат ,,Интервали”, повозрасните генерации знаат дека тие правеа забави за кои секогаш се прикажуваше, бидејќи и двајцата беа вистински вљубеници во музиката и пееја од срце. Она по кое беа на некој начин препознатливи, е што никогаш не пееа турбо фолк песни, без оглед дали тоа некој од публика ќе го побараше од нив. Нивниот богат репертоар беше составен од забавни македонски мелодии, евергини на италијански, шпански и грчки јазик, и секогаш се трудеа да остават печат со македонската песна.
Инаку, групата ,,Интервали” беше формирана во далечната 1974 година, а Мирче и Жане и се приклучиле во 1982 година. Две години потоа, ја направиле првата снимка за продукцијата РТ Скопје за песната ,,Венчавка”. Во 1987 година стекнаа голема популарност со хитот ,,Дај поведи ме” со кој победија на фестивалот ,,ТВ Спот Фест”.
Два пати учествуваа на југословенскиот избор на песна за Евровизија, а првиот албум го издадоа во 1991 година. Во 2009 година пак, Мирче издаде соло албум со традиционални македонски народни песни. Тој не беше само музичар, туку душа што живееше за секоја нота и секој аплауз.
В.К.

