Управа за јавни приходи во првите четири месеци од 2026 година спровела засилени теренски контроли кај деловните субјекти, при што биле извршени вкупно 960 инспекциски надзори.
Од институцијата информираат дека кај повеќе од 40 проценти од контролираните субјекти биле утврдени неправилности. Најчести прекршоци се неиздавање фискални сметки, издавање непрописни фискални документи или непоседување фискален апарат.
Контролите опфатиле различни дејности, меѓу кои 434 угостителски објекти, 318 трговски објекти, 201 услужен објект и седум приредувачи на игри на среќа. Во однос на истиот период лани, бројот на извршени контроли е зголемен за околу пет проценти.
Покрај инспекциските активности, значително е зголемен и бројот на пријави од граѓаните. Во анализираниот период биле поднесени 887 пријави преку линијата 198 и други канали, што претставува раст од 36 проценти во споредба со минатата година. Дел од пријавите се доставени и преку апликацијата „МојДДВ“.
Кај 395 субјекти биле констатирани прекршоци, а по основ на неиздавање фискални сметки биле изречени 242 глоби. Како најстрога мерка, кај 25 објекти е изречена привремена забрана за вршење дејност, односно тие се запечатени поради повторено прекршување во период од две години.
Од УЈП најавуваат дека контролите ќе продолжат со зголемен интензитет, со примена на нови методи и вкрстени проверки, со цел поефикасно откривање на непријавен промет и сузбивање на сивата економија.
Деск

