Случаите на труење кучиња во Неготино не запираат, а најновиот инцидент дополнително ја вознемири јавноста, особено жителите на улицата „Димче Мирчев“, каде секојдневно играат деца.
Според информациите од Сектор за внатрешни работи Велес, на 27 мај 2026 година во 11:50 часот, во ОВР Неготино било пријавено дека на споменатата улица била расфрлана храна со отров. Како последица, угинало куче – домашен миленик на 47-годишна жителка на Неготино.
Во истиот случај, куче на пријавителот и уште едно куче-скитник биле спасени благодарение на навремена интервенција на ветеринар.
Граѓаните велат дека се сериозно вознемирени, бидејќи станува збор за улица каде често престојуваат и играат деца. Стравуваат дека отровот може да претставува директна опасност и за најмладите, особено ако дојдат во контакт со затруената храна.
„Ова веќе не е само проблем со животните, туку и закана за луѓето. Децата секојдневно играат тука. Забележавме полиција, ветеринари кои се обидуваа да ги спасат затруените кучиња додека се мачат. Вознемирувачки слики се тоа, мора да се стави крај на овие сериозни дела кои се многу чести во Неготино, реагираат жители од овој дел на градот.
За настанот е известен јавен обвинител, а увид извршила екипа од ОВР Неготино. Надлежните институции преземаат мерки за откривање на сторителот и расчистување на случајот.
Граѓаните апелираат за итна реакција, со цел да се спречат нови труења и да се обезбеди безбедноста во населбите.
В.К.

