-Заминавме на Тајланд, бидејќи веруваше дека таму ќе му биде добро, дека ќе се излекува. Имаше лекар од Индија, примаше терапии од билки, медитираше…

Постојано повторуваше дека ќе оздрави, а надеж гледавме во трансплантацијата на црн дроб во Турција. Јас требаше да бидам донор. Во меѓувреме му се случи инфарктот, но тој не сакаше да остане во болница. Ги извади сите цевчиња, стана од болничкиот кревет и побара да потпише дека заминува на сопствена одговорност. Сакаше да биде дома, со нас, додека да дојде време за трансплантацијата. Не очекувавме дека ќе почине, немаше силни болки, не се мачеше… Едноставно, така се случи, замина ненадејно, на раце ми умре – раскажуваше Сабина, сопругата на легендарниот пејач на народна музика Синан Сакиќ (1956-2018).
Од смртта на Синан се навршија осум години, а зад него останаа песни кои си го најдоа патот до својата публика, и кои до денес се редовни на репертоарот на разни прослави ширум поранешните Југословенски републики.

За бурниот живот на Синан се пишуваше доста. Започнал да свири на тапани во фолк бенд на свои 13 години, а гостин во кафената му понудил 500 динари за да му отпее песна. Така започнал неговиот пат кон градење на пејачка кариера. Најголемата популарност и белег кој го остави на сцената му се случи во осумдесеттите години на минатиот век, кога настапуваше со Јужни ветар. Заедно со Драгана Мирковиќ, Шемса Сулљковиќ, Миле Китиќ и Кемал Малочиќ полнеа концертни сали и беа вистинска атракција. Падот во кариерата му се случи во 2010 година, кога започнаа неговите здравствени проблеми, предизвикани од алкохолот.
Иако со тешко нарушено здравје, неговата сопруга раскажуваше дека сепак и еден месец пред смртта настапувал и договарал гостувања. По неговата смрт на 62-годишна возраст, сопругата Сабина отвори музеј кој е посветен на неговиот живот и дело, а се наоѓа во родниот град на Синан, Лозница.
Деск

