Во Скопје денеска беше промовиран АРБУ – Академско рангирање на балканските универзитети, првата регионална платформа која систематски го мери научното влијание на високообразовните институции на Балканот.
Проектот опфаќа 324 универзитети и високообразовни институции од осум балкански држави, повеќе од 33.000 професори и истражувачи, како и над 19,7 милиони научни цитати собрани од Google Scholar. Според иницијаторите, целта е да се создаде единствена база која овозможува споредба на научните перформанси во регионот.
Основачот на АРБУ, проф. д-р Марјан Бојаџиев, истакна дека платформата има за цел да ја зголеми транспарентноста во високото образование и да понуди појасна слика за научниот придонес на универзитетите и истражувачите.
„АРБУ е создаден со идеја Балканот да добие сопствена академска мапа. Не станува збор само за рангирање, туку за алатка за споредба и подобри образовни политики“, изјави Бојаџиев.
На настанот се обратија и министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и директорката на Агенцијата за квалитет во високото образование, доц. д-р Христина Серафимовска.
Јаневска посочи дека македонското високо образование со години заостанува во однос на регионот, најавувајќи реформи во системот и зголемени инвестиции во науката и универзитетите. Таа нагласи дека буџетот за универзитети е зголемен од под 3 милијарди денари во 2022 година на 8 милијарди денари во 2026 година, додека буџетот за наука е речиси двојно зголемен.
Според првите резултати од рангирањето, најголемо научно влијание во регионот имаат универзитетите од Хрватска, Србија и Словенија. На врвот се наоѓаат Универзитетот во Загреб, Универзитетот во Белград и Универзитетот во Љубљана, кои заедно акумулираат повеќе од девет милиони цитати.
Во Македонија, најдобро рангиран е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој според податоците има околу 400 илјади цитати. По него следуваат Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот на Југоисточна Европа, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Универзитетот во Тетово.
Анализата покажува значителен јаз меѓу македонските и водечките регионални универзитети, при што универзитетите во Загреб, Белград и Љубљана имаат повеќекратно повисоки нивоа на цитираност.
АРБУ за првпат овозможува и споредба на индивидуални истражувачи. На врвот на регионалната листа се наоѓа словенечкиот научник Марко Микуж од Jožef Stefan International Postgraduate School, додека меѓу највлијателните се доминантно истражувачи од Хрватска, Србија и Словенија.
Во Македонија, највисоко рангиран истражувач е проф. д-р Сашко Кедев, со повеќе од 38.500 цитати, а меѓу најистакнатите се и академик Љупчо Коцарев и други професори од медицинските и природните науки.
Платформата АРБУ е јавно достапна и овозможува пребарување на универзитети, факултети и истражувачи, со цел да стане референтна точка за следење на научниот развој во регионот.
Деск
САШКО КЕДЕВ НАЈВИСОКО РАНГИРАН МАКЕДОНСКИ ИСТРАЖУВАЧ ВО РЕГИОНАЛНОТО РАНГИРАЊЕ АРБУ
3 Mins Read

