-Каде и да заврши мојот живот, срцето секогаш ќе ми остане во Битола – се неговите зборови кои останаа запаметени и сведочат за неговата голема љубов кон родниот крај.
Како млад првин изучувал берберски занает, а по ослободувањето бил првиот ученик од Битола испратен во Загреб во графичкото училиште да го изучува печатарскиот занает. Но, во Битола тој никогаш не работел како печатар. Се вработил како чувар во Радио Битола. Работејќи во радиото имал несекојдневна прилика редовно да ги слуша во живо најпопуларните битолски и македонски пејачи. Тоа го поттикнало да почне да размислува во насока на создавање на нова македонска музика.
Ајри Демировски (1927 – 2009) на Македонија и остави незаборавни народни песни помеѓу кои антологиската „Битола, мој роден крај“, „Мариче ле лично девојче“, „Таму ле мајко близу Битола“, „Само ти се чудам Цвето“, „Сношти те Маре сонував“, „За кого ти цути Дано лицето“, „Денот ми наближа на гурбет да заминам” и многу други.
На 28 години заминал во Турција, и поседните децении од животот ги поминал во Измир, каде што починал. Поради својата голема љубов кон Битола, која насекаде ја промовирал со песна, беше прогласен за почесен граѓанин на Битола во 2006 година.
За него е снимен и музичко-документарен филм кој беше премиерно прикажан во киното „Манаки“ во Битола во 2022 година, а пак стих од неговата најпозната песна „Битола мој роден крај“ е испишан е на неговата надгробна спомен плоча во Измир, Турција, односно надгробниот споменик е во вид на нотна тетратка, а на него се испишани ноти од познатата песна што Ајри на живот ја напишал за својот роден крај.
Деск

