-Македонската претседателка, извинете – северномакедонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, при својата посета на Бугарија ги натера бугарските новинари да ѝ ги поставуваат прашањата на англиски, за полесно да ги разбирала. Веќе не знам какви чувства имам кон овие Македонци. Извинете – северномакедонци. Целата таа омраза кон нас и кон сѐ што е поврзано со нас е апсолутно неразбирлива и веќе предизвикува само одвратност, објави бугарскиот шоумен и лидер на бугарската партија „Има таков народ“, Слави Трифонов, и предизвика лавина од реакции на социјалните мрежи. Како што истакнува, поради тоа ја поздравува претседателката со верзија на песната ,,Слушам кај шумат шумите”, на англиски јазик.
-Сѐ е јасно. Историски, географски, емоционално, ментално – сѐ е јасно. И е толку тажно. Но нивната претседателка, споменатата Гордана Сиљановска-Давкова, ме развеселува. Лично мене. И нејзиниот жален обид да ги натера бугарските новинари во Бугарија да ѝ ги поставуваат прашањата на англиски. Тоа е толку срамно. Затоа сега јас лично ќе ѝ упатам еден поздрав. Една верзија од една од моите омилени бугарски песни од македонскиот крај, која секогаш сум ја пеел од сѐ срце, обично пред десетици илјади Бугари кои исто така од сѐ срце пееле заедно со мене. Овојпат, меѓутоа, е наменет конкретно за една личност – специјален поздрав за северномакедонската претседателка Гордана, објави Трифонов, а веста за неговото обраќање кон Сиљановска – Давкова ја пренесоа голем број на бугарски медиуми.
Ова не е првпат тој да коментира претседателката. Пред две години предизвика внимание кога објави дека штом таа се самоопределува како Македонка и за неа нема Северна Македонија, тогаш тој се самоопределувал како Бугарин кој што сметал дека Македонците се Бугари и лично претседателката е Бугарка.
На неговата последна објава пак, граѓаните кои посакаа да му одговорат се соочија со мала пречка – коментарите под објавата беа ограничени. Според поставките на профилот на Трифонов, коментари можат да остават само избрани корисници, додека за пошироката јавност таа опција е недостапна. Со тоа, политичарот и шоумен, најверојатно се обидува да избегне јавно соочување со критики, односно станува збор за уште еден пример на еднонасочна комуникација, во која политичарите радо ги користат социјалните мрежи за да ги пласираат своите ставови, но не и за да ги слушнат реакциите на јавноста.
Деск

