Меѓународен тим научници направи значајно откритие откако детално анализираше мал фрагмент од марсовскиот метеорит NWA 8171. Во внатрешноста на карпата тие пронашле зрна од минералот гранат, поточно андрадит – првпат ваков минерал да биде потврден во примерок со потекло од Марс.
Откритието било направено во примерок помал од зрно афион, кој се чува во музејска колекција во Канада. Истражувачите првично мислеле дека станува збор за пироксен, минерал што често се среќава во марсовските карпи. Сепак, дополнителните хемиски анализи покажале дека се работи за андрадитски гранат.
Според научниците, гранатот на Земјата најчесто се формира под услови на висока температура, висок притисок или во присуство на жешки течности. Токму затоа неговото присуство во марсовски метеорит е изненадување и укажува дека геолошката историја на Црвената планета можеби е многу покомплексна отколку што досега се претпоставуваше.
Новите резултати отвораат прашања за процесите што се одвивале во внатрешноста на Марс пред милијарди години. Можно е планетата да била изложена на екстремни услови што довеле до создавање минерали кои досега никогаш не биле забележани во марсовски примероци.
Истражувањето е објавено во научното списание Geochemical Perspectives Letters и претставува важен чекор кон подобро разбирање на геолошката еволуција на Марс. Научниците сметаат дека ова откритие ќе помогне во реконструкцијата на процесите што ја обликувале планетата и ќе понуди нови насоки за идните мисии насочени кон истражување на нејзината внатрешна структура.

