Здружението за заштита на животните Анима Мунди побара итна и независна истрага, како и затворање и трансформација на Зоолошката градина во Скопје, по неофицијалните информации дека волци наводно избегале од својот простор и усмртиле повеќе животни, меѓу кои кенгури, ему-птици и други видови.
Од здружението посочуваат дека јавноста има право на одговори и официјални информации за настанот, а од раководството на ЗОО Скопје бараат транспарентност и објаснување за околностите под кои дошло до угинување на животните.
„Кој може да гарантира било чија безбедност во ЗОО Скопје? Им избегале или не волци во ЗОО Скопје? Извршиле ли колеж на кенгури, ему-птици и други животни? Јавноста чека одговори, а животните плаќаат со животи“, наведуваат од Анима Мунди.
Според организацијата, доколку се потврдат наводите, случајот претставува сериозен показател за системски пропусти во безбедноста и управувањето со зоолошката градина. Тие прашуваат како е можно диви животни со денови или недели да копаат и да го компромитираат својот простор без тоа да биде забележано, како и дали биле почитувани безбедносните протоколи и плановите за итни интервенции.
Од Анима Мунди бараат да се утврди колку долго бил компромитиран просторот од кој наводно избегале волците, кој бил одговорен за надзорот, кога последен пат биле извршени безбедносни проверки и зошто не била спречена трагедијата.
Здружението истовремено повикува на воведување мораториум за размножување, набавка и внесување нови животни во ЗОО Скопје. Според нив, институција која не може да обезбеди безбедност и соодветни услови за животните кои веќе ги поседува, не треба да продолжи да набавува нови животни.
Во своето соопштение, Анима Мунди оди чекор понатаму и бара целосна трансформација на Зоолошката градина во спасувачки и рехабилитациски центар за животни, наместо институција која ќе продолжи со чување и изложување на диви животни во заробеништво.
„Потребен е план за постепено намалување на бројот на животни и ставање крај на концептот на колекционирање живи суштества за изложување. Животните не се експонати, не се инвентар и не се потрошна стока“, порачуваат од организацијата.
Оттаму ги повикаа надлежните институции да спроведат темелна и независна истрага за сите околности поврзани со случајот, а граѓаните да не го поддржуваат, како што наведуваат, „застарениот и нехуман модел на зоолошки градини“.
До моментот на објавување на текстот, од ЗОО Скопје нема официјална потврда ниту демант на информациите што се шират во јавноста во врска со наводното бегство на волци и угинувањето на животни.

